Кралското семејство Караѓорѓевиќ денеска во Белата сала пред многуте новинари го претстави малиот принц Стефан Караѓорѓевиќ, првенец на принцот Филип и принцезата Даница.
Малиот Стефан е роден на 25 февруари кога во чест на неговиот роденден заѕвонија сите 49 ѕвона од храмот „Свети Сава“ и ѕвоната на манастирот „Жиче“.
Малиот Стефан мирно спиеше во прегратката на својата мајка, а на многуте новинарски екипи им се обрати принцот престолонаследник Александар Караѓорѓевиќ, чиј глас трепереше од среќа, а не изостанаа ниту солзите радосници кај дедото.
„Благодарам што заедно дојдовте да го дочекаме мојот внук Стефан, кој е роден во неделата“, изјави престолонаследникот Александар Караѓорѓевиќ, кој во тој момент толку го обземаа емоциите, што дури и заплакал.
По претставувањето, многуте гости можеа да уживаат и во послужувањето и да наздрават во чест на раѓањето на малиот принц.