(Видео) Псовки, навреди, украдено ЛГБТ знамe и десетици повредени на денешниот Европрајд марш во Белград

Денеска се одржа Европрајд маршот во Белград. Поворката почна од 17 часот од Уставниот суд и продолжи околу 18:30 кога учесниците стигнаа на стадионот Ташмајдан, каде вечерва се очекува да се одржат настапите на Сенида, Сара Јо и други пејачи.

И покрај силното полициско обезбедување, некои од противниците на парадата се собраа на централните улици на Белград и направија инциденти. Со псовки, навреди и фрлање со предмети се обидоа да ја растурат парадата. Еден од нив го украде ЛГБТ знамето, па полицијата го приведе.

Српските медиуми пренесоа дека имало десетици повредени. Организаторите на Еуропрајд во последен момент добија дозвола од полицијата за одржување на парадата. Информираа дека побарале и добиле согласност за промената маршута.

За потсетување, Прајд е манифестација на ЛГБТИК-лицата по повод Меѓународниот ден на гордоста, која во светот се одбележува од 1969 година. Освен карневалските забави, парадите на гордоста, исто така, имаат политичка важност за насочување на вниманието на јавноста кон ЛГБТ-човековите права.

Почетокот на модерното движење за остварување на правата на лезбијките и геј-лицата се смета судирот помеѓу демонстрантите и полицијата при рација во барот „Стоунвол“ во Гринвич Вилиџ, Њујорк, улица „Кристофер“, во ноќта на 27 кон 28 јуни 1969 година.

Делот од гостите кои отстапувале од родовите стереотипи (најчесто трансродовите лица и т.н. буч-лезбијки) и персоналот на тој геј-бар одбија мирно да го поднесуваат полициското насилство и се спротивставија на полициските службеници кои се обидуваа да ги приведат. На трансвеститите (драг квинс), лезбијките и геј-мажите, кои првпат се здружија против полициската (државна и социјална) репресија, им се придружија на припадниците на антивоеното движење, движењето за права на Афроамериканците, жените, левичарските политички струи, студенти и овој инцидент се претвори во седумдневни улични демонстрации против дискриминација против хомосексуалците и лезбијките, но исто така и против дискриминацијата воопшто.

Scroll to Top