Естрадни ѕвезди, кои имаат регистрирани фирми, се пријавија за финансиска помош поради кризата предизвикана од Ковид-19, а кои за три месеци изнесуваат 90.000 динари за еден вработен, односно околу 750 евра.
На почетокот на пандемијата на коронавирусот властите во Србија одлучија на малите и средните фирми да им уплатат за три месеци по 250 евра од вработен, односно 30.000 динари за април, мај и јуни за полесно да се поднесе финансиски кризата настаната поради вонредните мерки.
Таа привилегија ја искористија голем број пејачи, поточно сите што имаат регистрирани фирми на свое име. На списокот со познати што од државата добиле пари се и Цеца Ражнатовиќ, Неда Украден, Владо Георгиев, Саша Поповиќ од „Гранд“, Лепа Брена, Ана Бекута, Николија Јовановиќ, Релја Поповиќ, Теодор Џехверовиќ, Стефан Џуриќ Раста и Драган Коиќ – Кеба.
Најголемата музичка ѕвезда преку својата фирма „Цеца мјузик“, која се води на име на нејзината сестра Лидија Оцокољиќ, од државата побарала помош за исплата на минимална заработка за петмина вработени. Месечно тоа изнесувало 150.000 динари или околу 1.250 евра, а за целиот период 450.000 динари или околу 3.750 евра.
Неда Украден на 16 април во банка отворила наменска сметка преку која од Министерството за финансии уплатила трипати по 30.000 динари или 250 евра. Пејачката уште во 2014 година отворила фирма „Неда браво“, преку која работи и плаќа данок.
Исто така постапиле и Драган Коиќ – Кеба со фирмата „Кебони“, Николија Јовановиќ – „Николија мјузик“, Релја Поповиќ – „Производство на кинематографски дела и аудиовизуелни производи и телевизиска програма“, Теодора Џехверовиќ – „Теодора“, како и Ана Бекута, која со години е сопственик на економското друштво „Бројаница“.
Многу од пејачите и музичарите што работат во „Гранд“ исто така можеле за претходните три месеци да добијат минимална заработка. „Гранд“ се јави меѓу првите за помош, уште на 16 април. Интересно е дека и Саша Поповиќ го направил тоа, но преку својата фирма, каде што е само тој вработен. Така, поранешниот сопственик на „Гранд“, покрај пензијата, досега добил и 90.000 динари од државата, односно околу 750 евра.
Лепа Брена добила помош од 630.000 динари затоа што во нејзината продавница има седумина вработени, вклучувајќи се и себеси како сопственик.
Владо Георгиев од 2002 година има претпријатие VG art studio, кое има четворица вработени, па за три месеци добил 360.000 динари.
Раста се пријавил само себеси во фирмата Balkaton geng и добил 90.000 динари. Државните органи мерките ги продолжија за уште два месеца, така што на сите што ги исполнуваат условите ќе им се уплати по 60 % од минималната заработка.
Тоа значи дека естрадните ѕвезди веќе од 10 август ќе може да очекуваат по 18.000 динари. Исто толку може да добијат и во септември.