Здравко Чолиќ прозборе за апсењето во Охрид

Балканската ѕвезда Здравко Чолиќ во 1987 година беше уапсен во Охрид откако кај него беше пронајдена поголема количина девизи, што во тоа време беше строго забрането. Тогаш тој помина три дена во Истражен затвор за што досега не зборуваше јавно.

Во неговата животна исповед за „Недељник“, Чолиќ во детали ја раскажува немилата случка од минатото и како се чувствувал кога со лисици го однеле во затвор.

– Од 1985 до 1989 година живеев во Загреб. Се презаситив од музиката, па со еден пријател инвестирав во машини за превоз на пластика. Пошироката јавност дозна дека се занимавам со приватен бизнис дури откако ме уапсија во Охрид, поради тоа што кредитните средства ги претворав во девизи, кои во тоа време поевтино се купуваа во Македонија за разлика од Србија и Хрватска. Беше многу непријатно, луѓето купуваа девизи во селата со Албанци. Цело време ме следеа, не им беше јасно што правам таму во февруари кога нема концерти, ниту туристи. А јас бев натоварен, па ме пречекаа и ми ги зедоа сите девизи, раскажува Чолиќ.

Додава дека станувало збор за чисти пари, и дека не станувало збор за некој матен бизнис.

– Три дена бев во притвор. Првиот ден бев во канцеларијата на началникот. Ме почитуваа. Вода и плескавица, потоа ме испратија да спијам во хотелот, а следните три утра доаѓав на разговор, кој траеше од 8:00 часот наутро до 8:00 часот навечер. Тоа беше своевиден притвор со толеранција. По третиот ден, ме ослободи истражниот судија да се бранам од слобода, открива популарниот Чола во интервју за „Недељник“.

Scroll to Top