Српската пејачка Драгана Мирковиќ открива дека нејзинот голем пријател актерот Жан Клод Ван Дам добил подарок автомобил од неа и нејзиниот сопруг Тони. Пејачката исто така вели дека покрај подарениот автомобил Жан Клод сакал да купи и уште едно возило од фабриката на нејзинот сопруг Тони.
Познато е дека Драгана и Тони се големи пријатели со Ван Дам, а сега пејачката вели дека нивното другарство се претворило и во деловна соработка. Драгана открива дека тие се сопственици на „Мерцедес“ автомобилите, на кои стои ознака DON, а Ван Дам за автомобилот платил 200 000 евра.
„Тони веќе подолг период е во автоиндустријата. Поседува фабрика во која се произведуваат Maybach Coupé. Тој е единствениот кој има дозвола да ја произведува и продава оваа марка автомобили“, вели Драгана.
„Ван Дам всушност го купи автомобилот од наши пријатели, кои ни се деловни соработници, па оттука и актерот сега влезе во семејството DON. Сите кои купиле возила од нас на таблиците имаат ознака DON. Сите наши пријатели можат да ги добијат најдобрите услови за отплата, по најниска цена“, вели Драгана.
Меѓу пријателите на пејачката кои возат вакви автомобили се и Лепа Брена и Јелена Карлеуша.
„Нашите пријатели сакаа да му подарат на Ван Дам автомобил од својот салон, затоа што го обожаваат, а преку нас имаа можност и да го запознаат. Не треба да ви кажам колку беше трогнат од ваквото внимание, иако на него автомобилите навистина не му се потребни. Кој знае колку ги има?“, изјавила Драгана Мирковиќ.
Пејачката вели дека е горда на пријателството со Ван Дан, иако, како што вели, не знае со што го заслужила.
„Тој нас толку нè сака, што понекогаш ми доаѓа да се прашам зошто. Постојано доаѓа кај нас, го сака нашето друштво. Кога и да патува за Белгија да ги посети родителите, задолжително доаѓа до Виена кај нас. Во нашето пријателство нема никаков интерес, ниту од наша, ниту од негова страна. Затоа нè сака“, вели Драгана.