„Ѕвездите на Гранд“ ќе продолжи да се снима во мај

По паузата од два месеца поради пандемијата со коронавирусот, на 25 мај ќе почнат да се снимаат нови емисии од музичкото шоу „Ѕвездите на Гранд“. Првата емисија „Гранд специјал“ ќе се емитува на 17 мај, соопштија од продукцијата.

„Поради моменталната ситуација и границите кои се затворени во моментов, снимањето ќе продолжи на 25 мај, но само со натпреварувачите од Србија. Со нив ќе снимиме четири епизоди од шоуто и така ќе завршиме. По летната пауза, ќе продолжиме со снимањата со кандидатите од регионот и од светот што се натпреваруваа оваа сезона. Менторите ќе работат со своите кандидати за на есен да може да продолжиме онаму каде што застанавме пред пандемијата“, велат од „Гранд“.

Ова лето Саша Поповиќ и неговиот тим ќе одржуваат онлајн аудиции, а кандидатите кои ќе ги поминат аудициите веќе од септември ќе им се придружат на натпреварувачите од оваа година.

Засега не се знае дали сите членови на жирито ќе останат и следната сезона, бидејќи некои од нив најавија дека веќе не сакаат да бидат дел од музичкото шоу.

Scroll to Top