Тридневен фестивал на електронска музика на Халкидики

Од 28 април до 1 мај во Калитеа (Халкидики, Грција) ќе се одржи музичкиот фестивал Halkidiki Adventure Festival, во организација на компанијата Event Academy Bulgaria. Овој фестивал, втора година по ред, на едно место ги собира локалните и регионалните диџеи и љубители на електронската музика. Меѓународни андерграунд хедлајнери, деноноќна забава во комбинација со грчката гостопримливост, медитеранска кујна, прекрасни плажи и тиркизно море е формулата за одлична забава на овој фестивал. Покрај можноста за тридневно уживање во електронската музика, фестивалот нуди шанса за прославување на почетокот на летото во комбинација со совршен одмор на грчката ривиера.

Во рамките на трите фестивалски дена ќе настапат артисти од електронската музичка сцена од Бугарија, Германија, Франција, Велика Британија, Грција, Македонија, Шпанија и од САД, меѓу кои: And.Id, Claptone, Detlef, Dj Lion, Gabriel Del, Hector Couto, Кaiser Souzai, Leonardo Gonnelli, Методи Христов, Попоф, Павел Петров, Владимир Карчев и многу други.

„Фестивалот Halkidiki Adventure првпат го организиравме во 2017 година. Оваа тридневна деноноќна забава се одржа во рамките на комплексот хотели со 4 ѕвезди „Атос палас“ со една единствена цел да ги извлечеме локалните, бугарски артисти, надвор од земјата и да ги запознаеме луѓето од регионот со нив. Оваа година вторпат го организираме настанот во Калитеа и се надеваме дека со годинешната програма присутните гости уште повеќе ќе уживаат и со насмевка, убави спомени и желба за повторно дружење и забава ќе се вратат дома“, изјави организаторот на фестивалот.

Овој пат ќе се организираат шест забави во три дена на три локации. Три забави се дневни, а две ќе се одржат на главната сцена поставена на плажата на хотелите соработници на фестивалот. Третата дневна забава ќе се одржи во барот на плажа „Затеро“. Сите три ноќни забави ќе се одржат во еден од најпознатите  и најголеми ноќни клубови во Калитеа „Маркиз експириенс“.

Љубителите на електронската музика може да набават фестивалска влезница преку официјалната страница на организаторот www.eventacademy.net. Покрај основната влезница, сите заинтересирани ќе може да одберат и некој од понудените целосни пакети за настанот, кој вклучува сместување на само неколку стотини метри од плажата ,каде што ќе бидат дел од забавите, храна и транспорт. Сите што веќе имаат купено фестивалска влезница, во рок од 7 дена по купувањето може да си обезбедат целосен фестивалски пакет во канцеларијата на „Евент Академи Бугарија“ или онлајн на www.eventacademy.net.

 

Scroll to Top