Атанас Наумов и Ангел Арнаудов трчаа на маратонот во Сингапур

Во Сингапур вчера се одржа последниот голем маратон за оваа година, а патеката од 42,2 километра ја истрчаа и двајца Македонци, Атанас Наумов и Ангел Арнаудов. Маратонот во Сингапур в година би можел да се најде на листата најголеми светски маратони заедно со маратоните во Њујорк, Чикаго, Лондон, Берлин, Токио и во Бостон.

Поради високите температури и големата влажност на воздухот, овој маратон почнува да се трча во 4.30 часот наутро, а годинава го истрчаа 30.000 маратонци од 100 земји. Наумов го истрча маратонот за 4 часа 22 минути, а Арнаудов имаше речиси еден час послабо време.

Атанас Наумов

„Ова ми е шести маратон годинава. Не сакав да бркам време, решив да трчам опуштено, особено што е тешко е да се трча во вакви услови. Чувството да се трча во град како Сингапур е како да си на друга планета. Мана на маратонот е што почнува рано наутро и нема публика за бодрење, а самата публика ти дава енергија кога си веќе исцрпен пред целта“, рече Наумов за „Репортер“.

Ангел е задоволен од својот резултат.

Ангел Арнаудов

„Резултатот е далеку од моето најдобро време, но моја цел овој пат беше да го завршам маратонот, да уживам во Сингапур и успешно да ја затворам годината со маратони“, ни рече Арнаудов.

И Атанас и Ангел имаат четири медали од настапите на најголемите шест светски маратони (Њујорк, Лондон Берлин и Чикаго) и им останува да ги истрчаат уште маратоните во Токио и Бостон.

(А.Ј)

Scroll to Top