„Чекор по жица“, нова книга на Вања Изова Велева

Во понеделник (2 април) во Салон 19, 19 ќе се одржи промоција на книгата „Чекор по жица“ од поетесата Вања Изова Велева. Промоцијата ќе биде поетски перформанс, спој од музика, уметнички слики и поезија. Промотори на книгата ќе бидат Виолета Танчева-Златева и Мишел Павловски.

Збогатена со сликите на современите ликовни уметници Митко Тошев и Љупка Галазка-Василев, оваа книга е и редок обид да се претстави една иста мисла преку две лица на уметноста, поезијата и сликарството.

„Чекор по жица“ е деветта стихозбирка на современата македонска поетеса Вања Изова Велева, која со секоја нова книга нè потсетува на подзаборавените вистини, на изгубената човечност, на нашата отуѓеност и немањето време за другиот. Кај неа не нè освојуваат само необичните наслови, неочекуваните пресврти и поетски слики. Кај неа плени самиот јазик, кој без излишни метафори искрено зборува за болките што сите нè морат, за радостите што сите ги посакуваме, а сè почесто ни бегаат…

Scroll to Top