Утре почнуваат новогодишните журки во Градскиот трговски центар, под мотото „Размрдај го ГТЦ“. Забави ќе има и в петок и в сабота. Со дневни новогодишни журки целта е заживување на трговскиот центар и враќање на некогашниот дух.
На двата влеза во ГТЦ ќе бидат поставени бини на кои ќе настапуваат наши пејачи и диџеи. Трите дена програмата ќе ја отворат лица со попреченост, кои ќе настапат со свои точки, а од 12 часот ќе има детска програма. В четврток од 13 до 15 часот ќе настапат Бени и „Нон стоп“, в петок се ДНК, а в сабота Златко Ориѓански, заедно со Бени. На втората сцена, пак, од страната на киното „Милениум“, секој ден од 12 до 17 часот диџеи ќе пуштаат музика.
„Настанот ќе има и хуманитарен карактер. Ќе има место каде што ќе се собираат донации секој ден за различно семејство на кое му е потребна помош. Исто така, граѓаните ќе можат да донираат средства и за лицата со попреченост, кои, исто така, ќе учествуваат со свои точки“, рече Панчо ДНК на вчерашниот прес.