Во Куќата на Робевци во Охрид свечено беше отворено јубилејното 10-то издание на програмата Birthright Macedonia, во организација на Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД), со што се одбележуваат десет години успешно поврзување на младите Македонци од дијаспората со нивната татковина.
Годинашното издание обединува осум учесници од Соединетите Американски Држави, Канада, Австралија и Германија, кои во наредните три недели ќе живеат, работат и стекнуваат професионално искуство во Македонија преку практикантска работа, културна размена и едукативни активности.
Од ОМД упатија посебна благодарност до Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), кој заедно со организацијата ја воспостави програмата и беше значаен партнер во нејзината реализација во изминатата деценија.
Учесници во програмата Birthright Macedonia 2026:
- Николас Симовски (САД) – пракса во Завод и Музеј – Охрид
- Мирко Алмоски (САД) – пракса во Младински центар Охрид
- Никол Дамијанидис (Канада) – пракса во Касарна ХАБ
- Евелин Боско (САД) – пракса во Младински центар Охрид
- Мариа Стојановски (САД) – пракса во Костал Македонија
- Александра Митрушевски (САД) – пракса во А.Д. Охрид
- Ангела Макреска (Австралија) – пракса во Завод и Музеј – Охрид
- Никола Здравковски (Германија) – пракса во Костал Македонија
Во текот на престојот, учесниците ќе стекнат професионално искуство усогласено со нивните академски и кариерни интереси, а воедно ќе имаат можност подобро да ја запознаат македонската историја, култура, институции и современиот иновативен екосистем.
Покрај практикантската работа, програмата предвидува средби со претставници на државните институции, бизнис-заедницата, претприемачи и дипломатскиот кор, како и посети на значајни културно-историски локалитети низ државата.
Во рамки на Birthright Macedonia ќе бидат организирани и настани за вмрежување во Охрид, Битола и Скопје, преку кои младите ќе имаат можност одблиску да се запознаат со македонските традиции, културното наследство и природните убавини.
Свеченото отворање се одржа во Куќата на Робевци во Охрид, каде учесниците, нивните ментори, партнерите, алумни членовите и почесните гости заеднички го одбележаа почетокот на овогодинешното издание и значајниот јубилеј – 10 години од програмата Birthright Macedonia, која продолжува да ги поврзува младите Македонци од целиот свет со нивните корени и со можностите што ги нуди Македонија.






