По 33 години ќе се снима второ продолжение од серијата „Бушава азбука“. Режисерот Слободан Унковски и драматургот Горан Стефановски работат на ново сценарио за детската серија. Серијата првпат се снимаше 1985 година, во продукција на Македонската радио телевизија. Серијата имаше 31 епизода, по една посветена за секоја буква од азбуката.
Новата серија, како што пишува сдк.мк, ќе биде ориентирана кон македонскиот јазик и неговата употреба и богатство, и евентуално кон јазиците на заедниците. Се очекува текстот да биде готов до крајот на годината, а серијата да се реализацира 2019 година.
Оригиналната серија беше снимена со музика од „Леб и сол“ и Ана Костовска, а во неа играа врвни актери како Ненад Стојановски, Александар Чамински, Марин Бабиќ, Петар Арсовски, Ана Костовска, Софија Куновска, Кирил Ристески, Јовица Михајловски и Мими Таневска.