„Конект фестивал“ за соживот меѓу средношколците

Од 23 до 28 април ќе се одржи вториот гимназиски „Конект фестивал“. Во рамки на фестивалот ќе има натпревар во скејтање, гејминг, разговори, дружење и свирка на „Школка“ во градскиот парк, пет настани, по еден во секоја гимназија. Фестивалот е покренат по иницијатива на група ученици и поранешни ученици од скопските гимназии „Раде Јовчевски – Корчагин“, „Јосип Броз Тито“, „Георги Димитров“, „Орце Николов“ и „Никола Карев“.

Целта на фестивалот е да се организира настан за учениците, кој ќе биде интерекативен, меѓу-гимназиски и различен од сè што имало до сега.

„Главната идеја на фестивалот е да се организира настан со кој се стимулира соживотот на младите во време кога тој е во извесна мера запоставен. За развојот на младите да се одвива по нагорна линија, потребно е да постои интеракција со различни луѓе. Токму развивањето на свеста и интеграцијата во општеството се најважните придобивки од овој фестивал за младите генерации,“ велат организаторите.

Фестивалот ќе започне во СУГС „Јосип Броз Тито“ кога деца од петте гимназии ќе се натпреваруваат со скејтборди. Вториот ден во СУГС „Орце Николов“ ќе има креативно катче каде што учесниците ќе можат да научат да цртаат и купат Doodle Art од професионалци, а ќе можат и рачно да си ги обноват или декорираат своите стари патики и велосипеди со акварелни бои. Третиот ден во СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“ неколку успешни познати луѓе ќе говорат за своите успеси и падови пред средношколците. Четвртиот ден е наменет за друштвени игри во СУГС „Георги Димитров“. Последниот настан под името „Рандеву“ ќе се одржи во СУГС „Никола Карев“.

 

Scroll to Top