Литературна манифестација „Илинден 2018“

Oпштина Илинден од 15 до 19 мај ќе ја организира 19. литературна манифестација „Илинден 2018“. Свеченото отворање е закажано за 15 мај во 19:00 часот во домот на култура „Илинден“. Централниот настан, поетски митинг „Стихови за душата“ ќе се случи на 18 мај кога ќе се претстават триесеттина писатели од Македонија и од балканските држави.

Како дел од манифестацијата во домот на култура „Илинден“ под мотото „Денови на книгата“ ќе се одржи саем на книгата. Во рамките на манифестацијата ќе се одржи промоција на книгата „Триптих за Македонија“ од Раде Силјан, како и промоции на книги од млади автори. Пред гостите ќе биде претставен портретот на словенечкиот писател Милан Јазбец, актуелен амбасадор на Република Словенија во Република Македонија. Стихови од поетската книга „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“ на словенечки и македонски јазик ќе читаат членови на Словенечкото друштво за пријателство во Република Македонија.

Литературната манифестација ќе биде збогатена со Книжевна средба со поетите на Седумдесетите години: Веле Смилевски, Ефтим Клетников, Ристо Лазаров, Санде Стојчевски, Катица Ќулафкова, Бранко Цветковски и Славе Ѓорго Димовски.

Дел од манифестацијата е и традиционалното Литературно матине за деца, на кое ќе настапат повеќемина  писатели за деца и млади. На Литературното матине ќе бидат доделени награди и пофалници за најуспешните творби на учениците, пристигнати на литературниот конкурс распишан од општина Илинден.

Влезот за сите културни настани е слободен.

Scroll to Top