На 21 март во неколку кафулиња во Скопје и во Велес ќе се одржи настанот „Плати со поезија“, со што ќе се одбележи светскиот ден на поезијата. Дваесетина поети од Македонија ќе се дружат со љубителите на поезијата. Тие утре своето кафе наместо со пари, ќе можат да го платат со поезија. Меѓу поетите е и Марта Маркоска.
Нејзините песни, објавени во три поетски книги, се преведени на неколку јазици. Марта има објавено и теоретски книги и проза.
„Дел од песните се преведени на 11 јазици. Најновата книга ‘Црни дупки во нас’ штотуку го дочека српското издание. Само една година претходно беше преведена на турски и објавена во Истанбул“, вели Марта.
Таа неодамна учествуваше на интернационален поетски фестивал во Гранада, Никарагва.
„Доживеав патување низ времето и просторот оти Гранада за еден просечен патувач изгледа како друга планета со поинакви правила на функционирање. Презадоволна сум од организацијата на фестивалот кој се случуваше пред многубројна публика. Во еден од деновите се случи и патувачки карневал во должина од четири километри. Токму во таа поворка под маски сите имавме можност да се претставиме на својот мајчин јазик. Љубопитните слушатели бараа автограми од сите учесници и сакаа да ни се приближат, да слушнат повеќе за нас и за земјата од која доаѓаме“, раскажа Марта.
На младите поети им порачува:
„Поет се раѓа – се живее и проживува.
Не се станува, оти треба да си бил за да станеш.
Поетот само се дообликува, се ваја, се извештува.
Поет се умира – бавно, тивко и континуирано.“
Марта со младите поети ќе се дружи во „Лофт“. Вели, кој сака извидничко-набљудувачка позиција, нека повели за заедно да си гледаат на кафе.
„’Плати со поезија’ е одлична кампања која веќе четири години се организира во Македонија од страна на Јулиус Мајнл. Мило ми е што оваа година бројот на локали се зголеми, па можеме да се дружиме со што повеќе луѓе и да ја побудиме поезијата во нив. Навидум изгледа дека единствена цел е човек да се инспирира и да си го плати кафето или чајот со зборови и стихови, но постои нешто подлабоко, а тоа е да се размислува надвор од кутијата, на начин на кој општеството не налага. Јулиус Мајнл очигледно се труди да постигне нешто повеќе, нешто што одамна е инспирирано, кога пред многу години Густав Климт, Егон Шиле, Ото Вагнер и Сигмунд Фројд пиеле кафе во малата кафетерија во Виена“, вели Марта.
А. Јовановска