Меморијален младински турнир во кошарка

Во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, на 7 и 8 април ќе се одржи меморијален, хуманитарен млaдински кошаркарски турнир FICBALL. Турнирот во организација на КК „Партизан Водно Санс“ и семејството Сотирови, се одржува првпат, а во сеќавање на починатиот млад кошаркар Филип Сотиров – Фиц (1999-2014).

„Целта на овој настан е преку промоција на здрав начин на живот, здрави навики и спорт, како и мулти-културно другарување низ тимските спортски активности, заедно да оддадеме почит на кошаркарот Филип Сотиров – Фиц, кој беше позитивен пример за млад човек, воден од мотивот да стане најдобрата верзија од себеси“, велат организаторите.

Турнирот ќе се одржи под мотото Bе The Best You Can Be. Ќе се натпреваруваат младинските кошаркарски екипи на „Барселона“, „Фенербахче“, „Бугарска национална репрезентација“, „Партизан“ од Белград, „Кајолу“ и КК „Партизан Водно Санс“. 80 млади кошаркари од Европа ќе одиграат вкупно 13 натпревари. Публиката ќе има можност да проследи и натпревари во забивање, шут за три поени, ќе се избира највреден играч, најдобри стрелци на секој натпревар и најдобар стрелец на целиот турнир. Тренерите на тимовите, по завршувањето на сите натпреварите, ќе ја одберат најдобрата петорка на турнирот.

Сите екипи ќе донираат средства и реквизити во домот за деца без родители „11 октомври“. Влезот за натпреварите е бесплатен.

 

Scroll to Top