Вчеравечер во „Македонски телеком“ се одржа ревија на која за првпат беа споени технологијата и модата за повисока цел – заштита од загадувањето. На ревијата беа претставени првите смарт-маски, дизајн на модната креаторка Ивана Кнез.
„Скопје е загадено. Живееме во загадена држава. Мора да тргнеме од себе и да ја зголемиме свеста за тоа што ни се случува. Маските ќе бидат изработени од рециклиран отпад, а тоа е уште еден чекор напред во зачувувањето на животната средина“, рече Ивана Кнез по ревијата.
Еко-маските се поврзани со мобилните телефони и на тој начин го покажуваат степенот на загаденост во дадениот момент.
По официјалната промоција на еко-маските на Светскиот конгрес на мобилни технологии во Барселона, Македонски Телеком организираше модна ревија во Македонија, една од најзагадените земји во светот, особено во зимскиот период. Смарт-маските за заштита од загадувањето се дел од Fashion Fusion програмата на Дојче Телеком. Оттаму велат дека сите маски ќе бидат изработени од пластичен отпад што е уште еден чекор кон почиста животна средина.
Официјалната продажба се очекува да започне во ноември или декември оваа година.