Скопјанката Ивана Чолаковска-Торес и нејзиниот сопруг Мануел Торес , кои поминаа четири години на мотор и извозеа 147 илјади километри, беа на гости кај претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов. Со него ги споделиле своите искуства од деновите минати на мотор низ 55 земји и 6 различни континенти.
„Да се бориш за своите соништа и да веруваш дека може да имаме подобар свет е нашата порака која секојпат се трудиме да ја пренесеме. Денеска имавме можност да се сретнеме со претседателот на Република Македонија и имавме задоволство да ги споделиме со него нашите искуства и доживувања“, вели Ивана Торес.
Таа и Ману пролетта со пристигнувањето на градскиот плоштад во Скопје го завршија четиригодишното патување низ светот. Со нивниот мотор „јамаха тенере 660“ поминаа 55 земји, 6 различни континенти и извоза 147 илјади километри.
Патувањето го финансирале сами, од продажба и презентации на фотографиите кои ги правеле додека биле на патувањето затоа што Ману, кој е од Шпанија, се занимава со фотографирање. За време на ова патување, вели Ивана, запознала многу луѓе и различни култури. Иако било напорно и тешко, на моменти и неиздржливо, сепак, таа и Ману успеале да го остварат својот сон.
„Поминавме 55 земји околу светот, некои од нив ни приредија тешки моменти кои ќе ги паметиме засекогаш. На Памир Планина -20ºC, во Патагонија 130 км/ч ветер, топло и дехидрираност во пустината Атакама, патување од еден месец во Боливија, дивиот свет во Африка. Сите овие околности создадоа потешкотии на патувањето. Колку беше подолго патувањето толку бевме поуморни и поносталгични за враќање дома. Но, што е патување без тешкотии?“, вели Ивана.
На 1 април Ивана и Ману беа пречекани не само од членовите на мото-клубовите од земјава, кои организираа дочек на двајцата авантуристи, туку и од многу граѓани кои дојдоа на плоштадот.