Музички фестивал по теркот на Егзит во Скопје

На крајот на мај и почетокот на јуни Скопје ќе биде епицентарот на музички земјотрес во регионот. На две огромни фестивалски сцени, никогаш досега видени на овој простор, отворена и затворена, шест дена ќе настапуваат големи музички ѕвезди, односно над 60 бендови од земјава и странство.

Засега не се откриваат имињата на изведувачите, но се дознава дека станува збор за исклучително популарни бендови и реномирани соло артисти кои ќе настапуваат на целиот простор околу спортскиот центар Борис Трајковски. По теркот на регионалните фестивали „Егзит“, „Си денс лав фестивал“ и „Сигет“, на кои доаѓаат стотици илјади луѓе од Европа, Скопје ќе го добие за прв пат “Ентер“.

Со фестивалот, се очекува на крајот на мај и почетокот на јуни, Скопје и Македонија да станат центар на музичките случувања во поширокиот регион, што ќе привлече и голем број посетители од надвор. Фестивалот ќе понуди многу музика, настапи во живо, позитивна енергија и како што се дознава пиво што ќе се продава за само 80 денари. Токму пред сезоната на музички фестивали низ целиот свет, истражувачите во Британија испитуваа дали постои поврзаност помеѓу концертите, музиката во живо и благосостојбата на луѓето.

Според професорот Патрик Фаган, кој го предводел истражувањето, одењето на концерти го продолжува животот. Дваесетминутна свирка во живо со светла, ефекти, врескање на публиката и гласната музика го зголемува чувството на благосостојба кај луѓето.

Одењето на концерт или на голема свирка еднаш во две недели може да го продолжи животот на човекот за цели девет години. -Препорачуваме почесто одење на свирки во живо. Така можете да си го продолжите животот за цела деценија“, наведува Фаган во студијата.

Scroll to Top