Издавачката куќа „Култура“ го слави 72. роденден, а во роденденскиот месец читателите имаат можност да купат книги по намелени цени и да бидат дел од многубројни промоции и гостувања на автори. Саемот на книгата ќе започне на 14 ноември со промоцијата на светскиот хит „Потекло“ на Ден Браун, кој светската премиера ја имаше пред само еден месец.
Роберт Лангдон, професор по симбологија и религиска иконологија на „Харвард“, пристигнува во ултрамодерниот музеј „Гугенхајм“ во Билбао за да присуствува на едно многу важно соопштение – објавувањето откритие кое засекогаш ќе ја промени науката. Домаќин на вечерта е Едмонд Кирш, четириесетгодишен милијардер и футурист чии пронајдоци и смели предвидувања го направиле светски почитувана личност. Кирш, кој пред две децении бил еден од првите студенти на Лангдон на „Харвард“, само што не објавил едно неверојатно откритие… Но, детаљно испланираната вечер одеднаш се претвора во хаос, а на скапоценото откритие на Кирш му се заканува опасност да биде загубено засекогаш, пишува во синопсисот на книгата на Браун.
Традиционалниот ноемвриски саем ќе трае до 25 ноември.