Денес точно напладне ќе започне претпродажбата на билетите за петдневниот музички фестивал „Ентер фест“ што ќе се одржи во Скопје од 29 мај до 2 јуни. Цената за комплет билети за сите фестивалски денови во претпродажба чини само 990 денари.
Истовремено ќе се одржи прес-конференција на која организаторите ќе ги откријат имињата на музички ѕвезди што ќе настапат во Скопје. На две големи сцени, поставени во и пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе настапат шеесетина музичари, популарни бендови и диџеи. Организаторите засега открија дека ќе настапи и пејачката Ера Иштрефи, најпозната со хитот „Бон-бон“.
Фестивалот има за цел на едно место да ги спои сите љубители на добрата музика од Македонија и од соседните земји. Освен што велат дека ќе има музика за сечиј вкус, организаторите додаваат и дека на посетителите ќе им понудат најевтино квалитетно пиво, по цена од 80 денари.