Утре точно напладне ќе почне претпродажбата на билетите за петдневниот фестивал „Ентер фест“. Цената за комплет билети за сите денови во претпродажба е само 990 денари. Билетите ќе можат да се купат на продажните места на сите филијали на „Халк банка“ и на http://mktickets.mk/.
Истовремено ќе се одржи прес-конференција на која организаторите на големиот музички фестивал ќе ги откријат имињата на музички ѕвезди што ќе настапат во Скопје од крајот на мај. На две големи сцени, поставени во и пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе настапат шеесетина музичари, популарни бендови и диџеи. Организаторите открија дека во Скопје ќе настапи и пејачката Ера Иштрефи, најпозната со хитот „Бон-бон“.
Фестивалот има за цел на едно место да ги спои сите љубители на добрата музика од Македонија и од соседните земји. Освен што велат дека ќе има музича за сечиј вкус, организаторите додаваат и дека на посетителите ќе им понудат најевтино квалитетно пиво, по цена од само 80 денари.