Милош Трендевски, потпоручник во македонската армија, е прогласен за најдобар од сите меѓународни студенти на Кралската воена академија „Сендхрст“. Тој доби признание од принцот Хари, кој му врачи „Интернационален меч“ за постигнати највисоки резултати при школувањето на „Сендхрст“.
Пред да замине на дошколување во „Сендхрст“, Трендевски дипломирал на воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје.
„Чест ми е и задоволство што ја претставував Армијата на Република Македонија, Министерството за одбрана и Република Македонија. Ова е голем успех за државата, а Армијата на Република Македонија има висококвалитетен кадар, пред сè офицерски“, рекол Трендевски.
Церемонијалната парада оваа година се одржува 185. пат, а студентите ги поздравува претставник на британското кралско семејство. Првата церемонијална парада била одржана на 1948 година. Парадата се одржува три пати годишно.
На доделувањето на наградата присуствуваше и министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска и британскиот амбасадор во Македонија, Чарлс Гарет.