Легендарните „Крафтверк“ вечерва во Вип Арена „Борис Трајковски“ во Скопје го одржуваат својот концерт во рамки на фестивалот „Таксират“ кој го прославува својот голем јубилеј и го одбележува своето 20-то издание. По овој повод, првиот во низата ексклузивни настани на Таксират е концертот на германските пионери на електронската музика.
Бендот гостува во Скопје по 13 години од нивниот прв настап кај нас, а сѐ уште важи за еден од најдобрите концерти кои било кога се одржале во Македонија. Овој пат ексклузивноста на нивното гостување е збогатена и со спектакуларното 3-Д визуелно шоу кое е дел од нивните концерти на исклучително успешната актуелна турнеја.
„ За таа цел, секој од посетителите, при влезот на концертот ќе добие и брендирани 3-Д очила. „Крафтверк“ доаѓаат во Скопје со огромен тим кој ќе се погрижи овој концерт да биде доведен до перфекција и кој работи на комплетната техничка и продукциска реализација на секој од концертите во нивната турнеја. Вратите на арената ќе бидат отворени за посетителите од 19:00 часот, а почетокот на концертот е точно во 20:30 часот“, велат од „Пасворд“ продукција.