Светската рекордерка Пола Редклиф доаѓа на „Виз ер скопски маратон“

В недела, 1 април, со почеток во 9:30 часот пред фонтана „Лотос“ во Градски парк ќе почне шестото издание на Авицена женската трка. Трката е дел од промотивните трки за „Виз ер скопски маратон“. Организаторите и оваа година очекуваат голем број натпреварувачи.

„Моментално имаме околу 4.000 пријави од 46 земји од светот. Драго ни е што ‘Виз ер скопски маратон’ е настан што ги мотивира спортските амбасадори од целиот свет да се запознаат со Македонија. Затоа ја поканивме и Пола Редклиф. Оваа славна британска атлетичарка ќе биде промоторка на годинашното издание на маратонот. Пола е актуелна светска рекордерка во маратон, поставен 2003 година“, рече на денешната прес-конференција Кире Синадиновски, директор на маратонот.

Авицена женска трка има нова патека од 2 километри и овојпат нема да е само трка во парк, туку улична трка.

„Прераснавме во улична трка што ќе се трча на булевар ‘Илинден’. Ова го посакувавме со години. Задоволни сме што успеавме да мотивираме многу жени да бидат дел од овој настан. На 1 април очекуваме над 1.600 учеснички и сигурна сум дека како и во минатите 5 години ќе биде забавно и возбудливо“, рече Гордана Николовска од Сојуз на спортови на Скопје.

Пријавувањето и регистрацијата за Авицена женската трка трае уште денес, а пријавувањето за Виз Ер Скопски Маратон трае до 27-ми април.

Scroll to Top