Меѓународен фестивал за лица со и без хендикеп организиран од здружението на граѓани за промоција и развој на регионите „Свет на различни а еднакви“ од Скопје ќе се одржи на 14, 15. и 16 ноември. Ова е единствен фестивал од ваков вид на Балканот, кој првите два дена ќе се одржува во Драмски театар, а последниот ден во МНТ. Ќе учествуваат аматерски актерски групи од Македонија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Хрватска и други.
Претставите ќе бидат од натпреварувачки карактер, а ќе се доделуваат и награди. Фестивалот ќе го водат Ирена Спировска и Татјана Стојановска. На 14. ноември претставите започнуваат во 11, следниот ден се од 10.30, а во ревијалниот дел и свеченото доделување на наградите во МНТ на 16. ноември ќе започне во 12 часот.
Овие активности имаат за цел да ја зголемат инклузијата на лицата со инвалидност со други лица во културни активности, тие да ја имаат можноста полесно и активно да се вклучат во општеството и заедницата, да им се отворат портите за креативно изразување, да се негува нивниот потенцијал и да се унапреди нивниот квалитет на живот.