Српскиот актер Иван Босиљчиќ вчеравечер во Македонска опера и балет го одржа првиот од двата концерта во Скопје, наречени „Неколку стихови за нас“. Пред публиката, популарниот глумец рецитираше поезија и пееше дел од своите омилени песни. Публиката, пак, го награди со силен аплауз и овации, заради што тој три пати се враќаше на бис.
„Луѓето ми честитаат и велат дека се презадоволни, ама јас можам да им возвратам и од срце да кажам дека и на сцена беше извонредно. Тоа што го добивме вечерва од публиката, тоа се памети. Имавме три биса. Тоа не се случува секој ден. Секогаш е добро, ама вечерва беше нешто посебно“, рече Иван за „Репортер“ по концертот.
Тој за мерак на публиката пееше големи хитови од Здравко Чолиќ, Оливер Драгојевиќ, Кемал Монтено, ама и „Џипси сонг“ од Влатко Стефановски и „Тајно моја“ од Тоше Проески.
„Ништо на репертоарот не беше намерно направено, јас секогаш ги пеам тие две песни, без оглед каде и да настапувам. Пејачите обично избегнуваат да пеат песни од Тоше, сметајќи дека не можат да ги испеат како што треба, како што ги испеал тој. Ама јас не сум пејач. Јас сум актер што сака да пее, а на овој начин му оддавам почит на Тоше. Знаеш, луѓето што веќе не се меѓу нас ќе останат запаметени само ако ние продолжиме да ги спомнуваме и ги пееме нивните песни, или ако ја рецитираме нивната поезија. Ова вечерва беше едно мое сеќавање на Тоше, мала молитва за него“, ни рече тој.
Во текот на концертот публиката со огромно внимание слушаше како актерот рецитира поезија, гледаше како глуми додека го прави тоа. Босиљчиќ рецитираше поезија од српски и руски поети, ама и омилената песна од Анте Поповски. Со секоја рецитација ја најавуваше песната што ќе ја отпее потоа. Пееше и на руски, на ромски, играше на сцената.
Концертот го почна со „Звиждук у осам“ од Ѓорѓе Маријановиќ, а го заврши со две песни за своја душа, „Рано је за тугу“ од Харис Џиновиќ и „Несаница“. Публиката во салата застана на нозе и пееше со него на цел глас.
„Ова навистина беа песни за моја душа. Се сеќавам, како дете одев на играорна. Секогаш бев повлечен, се држев настрана. На една од тие наши собиранки, отидов до музичарите и им реков да ја свират ‘Рано је за тугу’, па запеав. Моите пријатели ме гледаа зачудени. Дури и моите дома долго не знаеја дека знам и дека сакам да пеам, бев срамежлив, па се криев и од нив. Ама во еден момент сфатив дека јас сакам да рецитирам поезија, дека знам да рецитирам поезија, дека сакам и можам да пеам. Така и се случи концептот на овој концерт кој трае веќе девет години. Да можам, секоја вечер би го правел ова“, раскажа Иван.
Вечерва во МОБ, со почеток од 20 часот, ќе го одржи вториот концерт, а утре Иван Босиљчиќ ќе настапи пред струмичката публика. Организатор на концертите на Босиљчиќ во Македонија е „Нова травел“ од Струмица.
Андријана Јовановска