Од 30 март до 1 април во Националната универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ ќе се одржи пролетното издание на „Моден викенд Скопје“. На седумнаесеттиот „Моден викенд“ ревии ќе имаат неколку македонски и странски дизајнери, а ќе се претстават и студентите од факултетот за арт и дизајн од Европски универзитет.
Посетителите на ревиите ќе можат да ја погледнат и изложбата на најновите чанти, чевли и асесоари за жени и мажи од модното студио „Диас“. Уникатни во својот пристап на изработка на производите, „Диас“ на своите клиенти им нудат можност самите да изберат каков ќе биде финалниот производ. Секоја чанта, на пример, може да се украси со нитни, детали, кожа или иницијали на тој што ќе ја носи. Во „Диас“ се водат од мотото дека секој човек е различен, па дека и тоа што го носи треба да е уникатно, оригинално и да соодветствува на неговиот стил.
„Моден викенд Скопје“ овој пат ќе го отвори ревијата на дизајнерите Роберт Ивановски и Евгенија Зафировска со колекцијата „Архитектура во движење“, а ќе се затвори со ревијата на Олгица Ѓоргиева и нејзината колекција за пролет-лето 2018.