Време е за „Оффест 2018“

Новото, 17. по ред издание на фестивалот „Оффест“ ќе се одржи од 31 мај до 5 јуни. Програмата и годинава вклучува актуелни и врвни имиња од Европа, Африка, САД и од Австралија.

Ќе се одржат десет концерти на три локации. „Јупитер и Оквес“ од Конго ќе гостува вторпат, а „Фајтинг виндмилс“ е единствената домашна група која ќе се претстави со нов албум, со своја премиерна концертна промоција на „Оффест“.

„Дртмјузик“ се олстарс-група со Крис Екман (The Walkabouts), Хуго Рејс (The Bad Seeds на Ник Кејв) и Мурат Ертел (Baba Zula) и ќе се прикаже во едно психоделично рок-издание. Автентичниот „Офичина Зое“ од Италија со својот хипнотички транс.

Од Тунис ќе гостува „Ифрикија електрик“ со шаманско-индустриски електроритуал. Ориентален рок со најдоброто од Турција – Гаје Су Акијол и нејзината група. Пополноќна aфрогрув-забава до утринските часови со диџеј Мукамбо од Белгија. „Бармер бојс“ ја продолжува вековната индиска музичка традиција. „Транс-Ејолијан трансмишн“ ќе приреди свој специфичен аудио-видеоперформанс.

И за затворање на фестивалот африканската кралица Уму Сангаре. Најголемата африканска пејачка која доаѓа од Мали. Во четирите вечери (31 мај – 3 јуни) концертите ќе се одржат во Младинскиот културен центар на 31 мај и на 1 јуни со почеток во 21 часот, а на 2 и 3 мај со почеток во 20 часот. Полноќната забава на 2 мај е со почеток по полноќ во клубот „Епицентар“. Завршната вечер е на 5 мај во Македонската опера и балет со почеток во 20.30 часот.

Scroll to Top