За време на новогодишната ноќ, 27 лица ја посетиле Клиниката за токсикологија во градскиот Клинички центар. Најмладото лице имало 16 години, информираше директорот на Токсикологија, Нико Беќаровски, а пренесува а1.он.
Тој изразил задоволство што првпат по долго време на Клиниката за токсикологија за новогодишната ноќ немало лица помлади од 15 години. Додал и дека немало лица предозирани со психо-активни супстанци.
Ургентниот центар во болницата „8 Септември“ го посетиле 38 лица, од кои 4 со поблаги форми на повреда поради тепачки.
На Клиниката за хируршки болести во текот на вчерашниот ден пристигнале вкупно 65 лица, од кои пет биле хоспитализирани, а врз 4 се извршени операциски зафати, но овие повредени немаат врска со новогодишната ноќ.
На Хирургија пристигнале и 4 лица со изгореници на рацете од петарди, но без сериозни повреди, за кои немало потреба да се хоспитализираат. Пристигнале и двајца пациенти со површни рани на вратот од огнено оружје од заталкани куршуми.