Кинематографот Кјонг-Пјо Хонг од Јужна Кореја е добитник на наградата „Златна камера 300“ за филмот „Горење“. Ова е највисоко признание на фестивалот за филмска камера „Браќа Манаки“. Наградата му ја додели меѓународно жири, предводено од претседателката Олимпија Митилинеу.
Хонг припаѓа на средната генерација јужнокорејски кинематографи и досега снимил 24 кратки и играни филмови. Кјонг-Пјо Хонг првиот филм, „Низок лет“ го снимил во 1998 година, а меѓу позначајните филмски остварувања се и филмовите „Шампион“, „Братството на војната“, „Мајка“, „Прогонувачи“, „Лелекање“.
„Сребрена камера 300“ ја доби францускиот кинематограф Ерик Готје за филмот„Пепелта е најчисто бело“. „Бронзена камера 300“ му беше доделена на кинематографот од Полска, Лукаш Жал, дел од екипата што го сними филмот „Студена војна“.
На „Браќа Манаки“ беше доделена и „Мала камера 300“ за кинематограф што учествувал во снимањето на краток филм. Годинава со тоа признание се здоби Адрик Вотсон од Австралија.