Европската комисија му изрече две казни на американскиот технолошки гигант Гугл, во вкупна вредност од 890 милиони евра, поради прекршување на европските правила за конкуренција. Случајот се однесува на фаворизирање на сопствените услуги во резултатите од пребарувањето и на ограничувањата што компанијата им ги наметнувала на развивачите на Андроид апликации.
Од Гугл ја оценија одлуката како „неправедна“, додека Европската комисија нагласува дека целта на мерките е да се обезбеди фер конкуренција и простор и за другите компании да развиваат и нудат иновативни услуги.
Еврокомесарката за дигитални прашања Хена Виркунен истакна дека Брисел сака да создаде услови во кои конкуренцијата ќе биде поголема, а доминантните технолошки компании нема да можат да ја користат својата позиција за да ги ставаат конкурентите во понеповолна положба.
Казна од 460 милиони евра поради фаворизирање на сопствените услуги
Според европскиот Закон за дигитални пазари (Digital Markets Act – DMA), најголемите и највлијателни дигитални компании, означени како „gatekeepers“, не смеат да им даваат предност на сопствените услуги во однос на конкурентските понуди.
Европската комисија оценила дека Гугл ги прекршил овие правила при прикажувањето на резултатите од пребарувањето за услуги поврзани со купување, хотели, транспорт и спортски резултати.
Поради овој прекршок, на компанијата ѝ е изречена казна од 460 милиони евра.
„Најдобрите производи треба да победуваат затоа што се подобри, а не затоа што му припаѓаат на компанијата што управува со интернет-пребарувачот“, изјави еврокомесарката за конкуренција Тереса Рибера.
Уште 430 милиони евра поради правилата во Google Play
Втората казна изнесува 430 милиони евра и се однесува на практиките во продавницата Google Play.
Според Европската комисија, Гугл не им овозможувал на развивачите на апликации слободно да ги информираат своите корисници за бесплатни или поевтини понуди достапни надвор од Google Play.
Брисел смета дека на тој начин била ограничувана можноста развивачите директно да комуницираат со корисниците и да им понудат алтернативни начини за купување или користење на нивните услуги.
Со вкупно 890 милиони евра, ова е најголемата парична казна изречена досега врз основа на Законот за дигитални пазари.
За споредба, минатата година Европската комисија го казни концернот Мета со 200 милиони евра, додека Епл доби казна од 500 милиони евра.
Гугл има рок од 60 дена
Финансиските последици за Гугл би можеле дополнително да се зголемат доколку компанијата не ги исполни барањата на Европската комисија во рок од 60 дена.
Сепак, од Брисел посочуваат дека со компанијата се води „конструктивен дијалог“ и дека Гугл веќе започнал да тестира одредени промени со кои неговите услуги би требало да се усогласат со европските правила.
Постапката против компанијата беше отворена во март 2024 година.
Гугл: Промените ќе ги влошат нашите производи
Од Гугл не се согласуваат со оценката на Европската комисија и предупредуваат дека спроведувањето на нејзините барања може негативно да влијае врз услугите што ги добиваат корисниците.
Кент Вокер, одговорен за меѓународното работење на компанијата, тврди дека за целосно усогласување со правилата Гугл би морал да отстрани одредени функции за пребарување во реално време и да укине дел од безбедносните механизми во Google Play.
„Ова не е фер конкуренција“, изјави Вокер.
Одлуката доаѓа во чувствителен момент за односите меѓу ЕУ и САД
Новата казна е објавена во период на трговски и политички тензии меѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави и само неколку дена пред годишнината од царинскиот договор меѓу двете страни.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати го обвинуваше Брисел дека преку својата дигитална регулатива несразмерно ги таргетира американските технолошки компании, а беа упатувани и закани за воведување реципрочни царини.
ЕУ и САД годинава се договорија да продолжат со разговорите во обид да ги намалат тензиите поврзани со европските правила за дигиталниот сектор.
Повеќе од осум милијарди евра казни во претходните случаи
Ова не е прв голем судир меѓу Гугл и европските регулатори.
Во периодот од 2017 до 2019 година, Европската Унија му изрече на американскиот технолошки гигант повеќе казни поради различни прекршувања на правилата за конкуренција, чија вкупна вредност надмина осум милијарди евра.
Новата казна од 890 милиони евра покажува дека Брисел продолжува со строгата примена на Законот за дигитални пазари, чија цел е да ја ограничи можноста најголемите технолошки платформи да ја користат својата доминантна позиција за фаворизирање на сопствените производи и услуги.






