Во текот на изминатите неколку недели почнаа да се појавуваат повеќе детали за премиум-верзијата на паметниот часовник на „Епл“.
Според Марк Гурман од „Блумберг“, уредот за носење ќе го има најголемиот дисплеј што „Епл“ некогаш го имплементирал на паметен часовник. Како резултат на тоа, часовникот може да содржи и нов дизајн. Во својот последен извештај Гурман вели дека „епл воч про“ ќе има нов дизајн. „Епл“ го нема редизајнирано својот паметен часовник од серијата 4 на часовниците од 2018 година. Гурман тврди дека новиот модел ќе биде значително поголем од сегашните модели од Серија 7, со цел да додаде екран што е 7 % поголем.
„Епл“ треба да имплементира и поотпорна варијанта на титаниум за куќиштето, што ќе му овозможи на паметниот часовник да биде посоодветен за екстремни спортови. Со поголема батерија и шпекулираниот режим на мала енергија, Гурман вели дека „епл воч про“ може да трае со денови со едно полнење. Покрај горенаведеното, се очекува и додавање сензор, кој ја мери температурата на телото, иако не во реално време.