Данското Министерство за образование најави значајна промена во начинот на оценување на учениците во средните училишта, со цел да се намали злоупотребата на алатките за вештачка интелигенција, како што е ChatGPT.
Според новите правила, средношколците повеќе нема да бидат оценувани само врз основа на писмените есеи. Наместо тоа, секој ученик ќе мора усно да ја брани својата работа пред наставникот, кој врз основа на разговорот ќе ја формира конечната оценка.
Од Министерството посочуваат дека оваа мерка е директен одговор на сè почестата употреба на генеративна вештачка интелигенција при изработка на училишни задачи. Според нив, преку усната одбрана полесно ќе се утврди дали ученикот самостојно ги истражувал и обработувал темите или текстот е генериран со помош на софтвер.
Данска со години се смета за една од најдигитализираните земји во Европа во областа на образованието, каде што учениците редовно користат компјутери и дигитални алатки за време на наставата и испитите.
Сепак, брзиот развој на платформите за генерирање текст, меѓу кои и ChatGPT, значително го зголеми ризикот од препишување и злоупотреба при изработката на домашни задачи и писмени испити.
Поради тоа, данските образовни власти се одлучија за враќање на традиционалниот начин на проверка на знаењето, оценувајќи дека директниот разговор меѓу наставникот и ученикот е најдобар начин да се утврди дали трудот е резултат на сопствено знаење и истражување.






