Технолошкиот гигант „Гугл“ склучи огромен договор со компанијата „Спејс Икс“, според кој ќе изнајмува компјутерски капацитет за развој и работа на системите за вештачка интелигенција.
Според поднесената документација, „Гугл“ ќе плаќа дури 920 милиони долари месечно за користење на 110.000 графички процесори, процесори и мемориски системи од „Нвидиа“, заедно со останатата придружна инфраструктура.
Договорот е предвидено да трае од октомври 2026 година до јуни 2029 година, додека постепеното зголемување на компјутерскиот капацитет треба да започне уште во септември 2026 година.
Во договорот е наведено дека доколку „Спејс Икс“ не успее да ги стави на располагање договорените графички процесори до 30 септември 2026 година, компанијата ќе има дополнителен рок од еден месец за исполнување на обврската. Во спротивно, „Гугл“ ќе има право еднострано да го раскине договорот.
Исто така, по 31 декември 2026 година, двете компании ќе можат да го прекинат договорниот однос со претходно известување од 90 дена.
Овој договор доаѓа само нешто повеќе од еден месец по уште една голема соработка на „Спејс Икс“. Тогаш компанијата се согласи да го изнајми целиот свој капацитет од повеќе од 220.000 графички процесорски чипови на „Нвидиа“ во дата-центарот „Colossus 1“ на компанијата „Anthropic“.
Во меѓувреме, милијардерот Илон Маск го интегрираше својот бизнис со вештачка интелигенција xAI со „Спејс Икс“, создавајќи нова компанија под името „SpaceXAI“.
Новата компанија стои зад развојот на чет-ботот „Грок“, кој се натпреварува со водечките системи за вештачка интелигенција како „Claude“ на Anthropic, „Gemini“ на „Гугл“ и „ChatGPT“ на „OpenAI“.
Договорот меѓу „Гугл“ и „Спејс Икс“ се смета за еден од најголемите досега во индустријата за вештачка интелигенција и уште една потврда за огромната побарувачка за напредна компјутерска инфраструктура потребна за развој на новата генерација АИ технологии.






