Цукерберг најавува ера на милијарди AI агенти: Ќе ни помагаат во сè, но научниците предупредуваат на ограничувања
Главниот извршен директор на „Мета“, Марк Закерберг, смета дека иднината на вештачката интелигенција ќе ја одбележат личните AI агенти, кои ќе им помагаат на луѓето во секојдневниот живот. Според него, во следните пет години милијарди луѓе ќе имаат сопствен интелигентен асистент што ќе ги разбира нивните потреби и ќе работи во нивна корист 24 часа дневно.
Говорејќи пред инвеститорите по објавувањето на кварталните резултати на компанијата, Закерберг изјави дека е „исклучително малку веројатно“ за пет години луѓето да немаат личен AI агент кој ќе ги разбира нивните цели и ќе им помага во нивното остварување во сите области што им се важни.
Според него, ваквите дигитални асистенти ќе можат да помагаат во управувањето со личните финансии, здравјето, меѓучовечките односи, организацијата на домаќинството и бројни други секојдневни задачи.
Закерберг истакна дека со зголемувањето на бројот на AI агенти, платформите за комуникација како WhatsApp ќе добиваат сè поголемо значење.
„Како што се движиме кон иднина во која сите ќе комуницираме со повеќе AI агенти, мислам дека WhatsApp и нашите други апликации за пораки ќе станат уште поважни“, изјави тој, додавајќи дека WhatsApp веќе е главната платформа преку која корисниците комуницираат со Meta AI.
Во меѓувреме, и други технолошки гиганти активно инвестираат во оваа технологија. Google неодамна ги претстави персонализираните AI агенти како една од најважните новини во својата интернет-пребарувачка платформа, иако тоа предизвика поделени реакции кај корисниците. Од друга страна, компанијата Anthropic забележа раст на бројот на претплатници благодарение на AI асистентот за програмирање Claude Code.
Но, развојот на вештачката интелигенција бара огромни финансиски вложувања.
Одделот Reality Labs на „Мета“, кој работи на развој на AR очила, VR уреди и поврзан софтвер, во последниот квартал пријави загуба од околу 4,6 милијарди долари. Тоа е во согласност со кварталните загуби што овој сектор ги бележи од 2021 година, а вкупните акумулирани загуби сега достигнуваат околу 88 милијарди долари.
Истовремено, компанијата соопшти дека слободниот паричен тек во последниот квартал изнесувал само 784 милиони долари, што е драстичен пад во однос на 8,55 милијарди долари во истиот период лани – намалување од околу 91 процент. Причината, според компанијата, се огромните инвестиции во инфраструктурата за развој на вештачката интелигенција.
Закерберг сепак верува дека овие вложувања ќе се исплатат и дека личните AI агенти ќе станат основа за нова генерација производи и извори на приходи во наредните години.
Досега, деловните AI агенти на „Мета“, кои во овој квартал беа глобално пуштени преку WhatsApp и Messenger, ги користат повеќе од еден милион компании ширум светот.
Сепак, научниците предупредуваат дека постојат ограничувања во користењето на голем број AI агенти.
Истражување спроведено од Лабораторијата за физика на вештачката интелигенција (PAI) при NTT Research и Центарот за наука за мозокот (CBS) на Универзитетот Харвард покажало дека постои оптимален број агенти кои можат ефикасно да соработуваат.
Во експериментот била користена играта „Flag“, во која секој AI агент гледа само дел од национално знаме и преку меѓусебна комуникација треба да утврдат на која држава ѝ припаѓа. Играта завршува кога најмалку 85 проценти од агентите ќе се согласат за точниот одговор во три последователни рунди или кога ќе се достигне ограничениот број дозволени чекори.
Резултатите покажале дека најдобри резултати се постигнуваат кога истовремено работат 16 AI агенти. Ако бројот е помал, нема доволно информации за донесување заедничка одлука, а ако е поголем, агентите почнуваат да се поларизираат и се делат во спротивставени групи, што го намалува квалитетот на конечната одлука.
Овие резултати сугерираат дека, иако AI агентите имаат голем потенцијал да станат составен дел од секојдневниот живот, нивната ефикасност не зависи само од нивната интелигенција, туку и од начинот на кој меѓусебно соработуваат.






