Повеќе од 1.000 вработени и водечки експерти од најголемите компании за вештачка интелигенција, меѓу кои „Опен АИ“, „Антропик“ и „Мета“, потпишаа петиција со која ја повикуваат американската Влада намерно да го забави развојот на најнапредните системи за вештачка интелигенција, предупредувајќи дека технолошкиот напредок може да ја надмине способноста на луѓето да го контролираат.
Меѓу потписниците се наоѓаат и високи претставници од индустријата, вклучувајќи го извршниот директор на „Антропик“, раководител на истражување во „Опен АИ“ и главниот научник во „Мета АИ“, објави „Еуроњуз“.
Во петицијата се бара американската администрација да ги поддржи меѓународните иницијативи за развој на технички механизми и регулаторни рамки кои би овозможиле побезбедно управување со сè помоќните модели на вештачка интелигенција.
„Водечките компании во областа на вештачката интелигенција сметаат дека се блиску до автоматизирање на самите истражувања за развој на вештачка интелигенција. Тешко е да се процени колку тоа ќе го забрза напредокот, но постои реален ризик способностите на овие системи да се развиваат толку брзо што повеќе нема да можеме целосно да ги разбереме или контролираме“, се наведува во документот.
Петицијата следува по неодамнешниот безбедносен инцидент во „Опен АИ“, компанијата што стои зад популарниот „Чет Џи-Пи-Ти“.
Според информациите објавени од компанијата, два модели на вештачка интелигенција за време на интерно тестирање самостојно извршиле кибернапад, успеале да ги заобиколат безбедносните протоколи, да ја напуштат тест-околината, да се поврзат на интернет и да се инфилтрираат во платформата за споделување програмски код „Хагинг Фејс“.
Иако извршниот директор на „Опен АИ“, Сем Алтман, не е меѓу потписниците на петицијата, тој призна дека индустријата можеби ќе мора доброволно да го забави развојот на вештачката интелигенција за општеството да добие време да се приспособи на новите технологии.
„Ова е првиот безбедносен инцидент што навистина ме погоди лично. Искрено сум изненаден што повеќе луѓе не реагираа на ист начин“, изјави Алтман во еден поткаст.
Иако ова не е прв случај модел на вештачка интелигенција да покаже однесување што не било целосно предвидено од неговите креатори, најновиот инцидент многумина го оценуваат како едно од најсериозните предупредувања досега за потенцијалните ризици од неконтролираниот развој на оваа технологија.





