Горниот степен од ракетата Falcon 9 на компанијата SpaceX удри во површината на Месечината со брзина од околу 8.600 километри на час, што е приближно седум пати поголема од брзината на звукот. Настанот привлече големо внимание кај научната јавност, бидејќи може да обезбеди нови сознанија за влијанието на вселенскиот отпад врз идните мисии.
Станува збор за горниот степен на ракетата, долг околу 12 метри, кој беше лансиран на 15 јануари 2025 година како дел од мисија што превезуваше два приватни лунарни лендери кон Месечината.
По одвојувањето од товарот, ракетниот степен останал во вселената и, според пресметките на експертите, завршил на траекторија што водела директно кон површината на Месечината.
Експертот за следење вселенски објекти Бил Греј процени дека ударот се случил при брзина од околу 8.600 километри на час, односно речиси седум пати побрзо од брзината на звукот.
Според пресметките, ударот бил очекуван околу 7:35 часот по британско време, односно 2:35 часот по источноамериканско време.
Иако самиот блесок од судирот траел помалку од една секунда и бил премногу слаб за да се забележи од Земјата, научниците сметаат дека облакот од прашина и карпи што се подигнал можел да достигне неколку километри височина над површината на Месечината, што би можеле да го регистрираат специјализирани инструменти.
Научниците проценуваат дека ударот најверојатно создал кратер со пречник меѓу 20 и 30 метри. Некои експерти сметаат дека кратерот би можел да биде широк околу 27 метри и длабок приближно пет метри.
Американските телескопи веќе ја следат областа каде што се случил ударот, но првите фотографии се очекуваат дури по неколку дена.
Дополнителни снимки треба да испратат и вселенските летала што кружат околу Месечината, кои ќе овозможат детална анализа на местото на судирот.
Според научниците, најголемата загриженост не е самиот удар, туку сè поголемиот број објекти што остануваат во вселената по завршувањето на мисиите.
Бил Греј предупреди дека просторот околу Земјата и Месечината станува сè позаситен со вселенски отпад.
„Горе станува пренатрупано“, изјавил Греј, кој планира последиците од ударот да ги следи од канадската покраина Њу Бранзвик.
Експертите посочуваат дека судирот можел да биде избегнат доколку горниот степен на ракетата по завршувањето на мисијата бил насочен кон орбита околу Сонцето.
Ова не е прв ваков случај. Во 2022 година, еден кинески ракетен степен ненамерно удри во далечната страна на Месечината, при што беа формирани два кратери.
Бенџамин Фернандо од Националната лабораторија Лос Аламос истакнува дека една од главните цели на набљудувањето е да се утврди колкав ризик претставуваат ваквите вселенски остатоци за идните човечки мисии.
„Гравитацијата на Месечината е мала и таму нема ветер што би ја разнесол прашината. Токму затоа сакаме подобро да разбереме каква опасност можат да претставуваат ударите од вакви остатоци за идните астронаути“, објаснил Фернандо.
Тој додал дека поради тоа научниците ги повикуваат и професионалните и аматерските астрономи внимателно да ги следат последиците од судирот.
Falcon 9 е повеќекратно употреблива двостепена ракета на компанијата SpaceX, наменета за транспорт на луѓе и товар во Земјината орбита и подлабоко во вселената.
Горниот степен на ракетата, тежок околу 4.000 килограми, по завршувањето на својата задача се одвојува од остатокот од системот.
Во конкретната мисија, Falcon 9 беше лансирана како дел од американско-јапонска експедиција кон Месечината, при што превезуваше два приватни лунарни лендери и научна опрема.
Еден од нив – Blue Ghost на американската компанија Firefly Aerospace – стана првото приватно вселенско летало што успешно слета на Месечината. Вториот лендер, развиен од јапонската компанија ispace, не успеа да слета и се урна при обидот.
Со зголемувањето на бројот на мисии кон Месечината, експертите предупредуваат дека следењето на вселенскиот отпад ќе стане една од најважните задачи во наредните години.
Соединетите Американски Држави и Кина планираат повторно да испратат астронаути на Месечината, додека компаниите SpaceX на Илон Маск и Blue Origin на Џеф Безос интензивно развиваат нови летала за идни лунарни мисии.
Поради тоа, научниците сметаат дека е неопходно дополнително да се унапредат системите за следење на вселенскиот отпад и управување со сообраќајот околу Месечината, со цел идните роботски и човечки мисии да бидат што побезбедни.






