Spotify воведува AI асистент: Ќе разговара со корисниците и ќе им препорачува музика според нивните желби

Spotify најави нова функција базирана на вештачка интелигенција која ќе им овозможи на премиум корисниците да комуницираат со AI асистент и преку разговор да добиваат персонализирани препораки за музика, подкасти и друга аудиосодржина.

Новата можност првично ќе биде достапна како бета-верзија за корисниците во САД, Ирска и Шведска, на уредите со iOS и Android, а ќе можат да ја користат лица постари од 18 години. Во првата фаза асистентот ќе поддржува само англиски јазик.

За разлика од досегашните AI функции на Spotify, како виртуелниот диџеј кој нуди еднонасочни препораки, новиот асистент овозможува вистинска интеракција. Корисниците ќе можат да пишуваат пораки или да разговараат со глас, а системот ќе ги приспособува препораките во текот на разговорот.

На пример, наместо класично пребарување, корисникот ќе може да побара: „Пушти ми изведувачи што никогаш досега не сум ги слушал“, а потоа да додаде: „Нека бидат со побрз ритам и нека има и некој понов изведувач.“

Од Spotify нагласуваат дека станува збор за тест-фаза, па можно е функцијата повремено да има ограничувања или да не работи совршено. Компанијата очекува повратните информации од корисниците да помогнат во понатамошното усовршување на AI асистентот пред неговото глобално проширување.

Scroll to Top