Вештачката интелигенција греши, корисниците не треба „слепо“ да ѝ веруваат, вели шефот на „Гугл“

Корисниците не треба слепо да веруваат на сè што им кажуваат нивните алатки за вештачка интелигенција (АИ), изјави денес за Би-би-си шефот на матичната компанија на „Гугл“, „Алфабет“. Извршниот директор на компанијата, Сундар Пичаи, изјави за британскиот медиум дека моделите на АИ се склони кон грешки и ги повика корисниците да ги користат заедно со други алатки.

Пичаи ја нагласи важноста на богат информациски систем, наместо да се потпираат исклучиво на технологијата на АИ, објави Би-би-си. „Затоа луѓето го користат пребарувањето на „Гугл“, а ние имаме и други производи што обезбедуваат подобри, поточни информации“.

Пичаи, индиско-американскиот шеф на „Алфабет“, рече дека алатките на АИ се корисни ако „сакате да напишете нешто креативно“, но предупреди дека луѓето треба да научат да ги користат овие алатки за „она во што се добри, а не само слепо да веруваат на сè што ќе кажат“.

„Горди сме на трудот вложен во обезбедување на најточни можни информации, но дури и најдобрата технологија на АИ во моментов е склона кон грешки“, нагласи тој.

Пичаи разговараше со Би-Би-Си додека технолошкиот свет со нетрпение очекува нова верзија на комерцијалниот модел на вештачка интелигенција на „Гугл“, „Џемини 3.0“, кој во тековните верзии веќе врати дел од пазарниот удел во битката против ChatGPT.

Неговите коментари се во согласност со истражувањето на Би-би-си спроведено претходно оваа година, кое заклучи дека ботовите со вештачка интелигенција се неточни при производство на резимеа на вести.

Scroll to Top