Мисијата Polaris Dawn на „Спејс икс“ го лансира американскиот милијардер Џаред Исакман и уште тројца астронаути во орбитатата со цел за време на петдневен лет да ја извршат првата приватна обиколка во вселената. Командант на мисијата е самиот Исакман, пилотот е пензионираниот потполковник на американските воздухопловни сили Скот „Кид“ Потет, специјалист за мисијата е Сара Гилис, шеф на вселенските операции на „Спејс икс“ за обука на астронаути, а медицинскиот службеник е Ана Менон.
Тоа е првиот од трите вселенски летови на програмата Поларис и вториот што Исакман лично го финансираше. „Спејс икс“ го ажурираше времето на вселенската прошетка и објави дека ќе се одржи денес во 11:58 часот. Во случај на непредвидени потешкотии, прошетката може да се одложи за петок, 13 септември. Вселенската прошетка, која ќе ја водат Џаред Исакман и Сара Гилис, може да се следи во живо.
Историската вселенска прошетка, односно периодот што екипажот ќе го помине во вакуум, треба да трае два часа. Кога ќе дојде време, сите четворица астронаути во мисијата Polaris Dawn ќе облечат вселенски костуми и потоа ќе ја депресурираат капсулата „Драгон“ за да можат Исакман и Гилис да излезат надвор од отворот, пишува „Спејс.ком“.
Двајца членови на екипажот ќе излезат од капсулата околу 15 до 20 минути и ќе останат делумно надвор од отворот за да ги тестираат оделата ЕВА (вселенски) дизајнирани и развиени од „Спејс икс“.