Расел Кроу не дојде на Златните глобуси, го штити семејството од пожарите во Австралија

Глумецот Расел Кроу вчера не дојде на Златните глобуси да ја прими наградата за најдобар актер. Тој е во Австралија каде што се бори со катастрофалните пожари, во кои настрада и неговиот дом. Кроу на церемонијата се огласи преку однапред напишана порака и се обиде да ја крене свеста за климатските промени во светот.

„Не бидете во заблуда. Трагедијата што моментално ѝ се случува на Австралија е заснована на климатски промени. Мора да ја слушаме науката и да се свртиме кон обновливи извори на енергија. Да ја почитуваме оваа наша неверојатна и уникатна планета“, рече глумецот кој доби награда за серијата „Најгласниот глас“.

Џенифер Анистон, која требаше да му ја додели наградата, рече дека Кроу останал дома за да го штити своето семејство.

Кроу е еден од илјадници Австралијци чии домови се оштетени или уништени во пожарите кои почнаа уште во септември. Досега во пожарите загинаа намалку 24 луѓе. Глумецот редовно постира на социјални мрежи и охрабрува да се собираат донации за пожарникарите.

Меѓу оние кои повикаа на поголема акција во Австралија вчера беа и Јоакин Феникс, Кејт Бланшет и Марго Роби.

Scroll to Top