АББА снимаат нови песни по 35 години

Една од најуспешните поп-групи на сите времиња „АББА“ потврди дека почнале да снимаат нова песна, првпат по 35 години. Тие неодамна решиле да направат турнеја со холограми, а тоа ги поттикнало да снимат и нов материјал.

„Сите четворица почувствувавме дека по 35 години би било забавно повторно да ги здружиме силите и да влеземе во студио. Ни изгледа како времето да не  запрело“, напишале на „Инстаграм“.

Првата песна насловена „Сѐ уште имам верба во тебе“, премиерно ќе биде изведена во декември, во специјален ТВ-прилог на „Би-би-си“ и „Ен-би-си“. Сепак, групата не планира да настапува во живо.

„Не очекувајте повторно да ги видите на сцена заедно. Нема да го направат тоа“, рекол нивниот менаџер.

Групата се растури во 1982 година. Во 2000 година, наводно, им биле понудени една милијарда долари за да одат на турнеја, но и тоа не го прифатиле.

Scroll to Top