Актерката Хелен Мирен за „Вог“ ги открива своите совети за подобар живот

Англиската актерка Хелен Мирен (76) во текот на карантинот се шминкаше секој ден бидејќи тоа ѝ го подобруваше расположението, а и навистина уживаше во тоа. А по карантинот, ја искористи секоја можност да се дотера и да облече прекрасни креации.

Таа доминира на црвениот тепих на Канскиот филмски фестивал, минатиот месец танцуваше на дожд среде Венеција со колегата Вин Дизел во импозантен фустан на D&G, а прошета и на пистата за L’Oreal во Париз во глам-панк изглед.

Познатата актерка редовно ни покажува дека животот е полн со можности доколку сме спремни да ги прифатиме и да работиме за нив. Таа во своите седумдесети изобилува со самодоверба и со енергија со која би сакале да зрачиме, а своите тајни и совети за подобар живот ги откри за „Вог“.

Бидете отворени

Мирен нè потсетува дека не смееме да дозволиме несигурноста да нè парализира, но мора да се осмелиме и одвреме-навреме да ја гледаме околината како некој што првпат ја гледа – да ја доживееме магијата на она што нè опкружува.

„Разговарајте со луѓето, бидете отворени“, вели Хелен Мирен.

Прифаќајќи се себеси

„Имам подебелки образи и отсекогаш сум ги повлекувала. Но, не можете да ги вовлекувате образите и да се смеете во исто време – тоа е невозможно, така што никогаш не се смеев. Тогаш открив дека, всушност, е убаво да се смееш отворено и слободно, и тоа не мала срамежлива насмевка, туку голема“, признава Хелен Мирен, која е широко насмеана на повеќето фотографии.

Покрај тоа, Мирен е голем поддржувач на седата коса и ги охрабрува жените да не се обидуваат да исполнуваат некои наметнати стандарди на убавина, туку да го прават она што го сакаат:

„Седата коса треба да се охрабрува, но тоа не значи дека не можете да си играте со вашата коса затоа што е важно како се чувствувате“, вели таа.

Здравјето доаѓа однатре

Мирен истакнува дека треба да се грижиме за исхраната – да најдеме режим што ни одговара бидејќи она што го внесуваме во телото навистина влијае на тоа како се чувствуваме.

И не треба да се заборави на вежбањето, во кое упорноста е најважна. Хелен Мирен признава дека е мрзлива личност, но редовно вежба. Таа практикува 12-минутна рутина, која е наменета за канадските воздухопловни сили.

„Ништо екстремно, но треба да го правите тоа секој ден. Добар почеток е бидејќи е поврзано со преземањето контрола“.

Scroll to Top