Али Мекгроу и Рајан О’Нил се сретнаа 50 години по „Љубовна приказна“

Али Мекгроу и Рајан О’Нил, ѕвездите на романтичната драма „Љубовна приказна“, се сретнаа 50 години по премиерата на филмот. Тие имаа интервју за Town & Country, во кое зборуваа за снимањето на филмот, славата и влијанието што „Љубовна приказна“ го имаше врз публиката, не само во 1970-тите години, туку и сега.

„Брзо поминаа овие 50 години. Не сум бил толку долго со ниедна од моите сопруги“, рекол на шега 79-годишниот О’Нил.

„Љубовна приказна“ ја раскажува приказната за Оливер Барет Четвртиот и Џени Кавилери, дечко и девојка од различни општествени класи, кои ќе се вљубат еден во друг. И покрај сите нивни напори за врската да им успее, таа завршува со трагедија.

Сценариото за филмот го напиша Ерик Сигал, кој неколку години претходно ја напиша и книгата со исто име, а која стана бестселер. Сигал самиот ја избрал Мекгроу (81) за главната женска улога, бидејќи двајцата студирале на колеџот Велсли и глумеле заедно во претставата „Сè е добро кога добро ќе се заврши“.

„Иако се знаев во Ерик, содржината на книгата ме фати неспремна. Плачев и плачев, мислев дека полудувам колку ми беше тешко“, рекла актерката во интервјуто.

Филмот имал големо влијание и на главните актери, а О’Нил вели дека бил воодушевен и потресен кога на крајот Али глумела како умира нејзиниот лик Џени.

„Беше толку реално. Ми ја стави раката околу главата, ме држеше за косата и се опушти. Не можев да престанам да плачам. Ја обожавам и Али и нејзиниот лик Џени. И знаев дека тоа е крајот на снимањето и дека нашата авантура наскоро ќе заврши“, вели Рајан.

Иако премиерата на филмот беше во 1970 година, тој и денес е омилен на публиката, а Американскиот филмски институт го стави во категоријата на еден од најромантичните филмови на сите времиња. Секоја година на Харвард се одржува и проекција на филмот за новите генерации, бидејќи дејството се случува на познатиот американски колеџ.

„Знам дека кога го гледаат филмот младите ја цитираат Џени и нејзината реченица ‘Љубовта значи дека никогаш не мора да се извинуваш’, но во реалноста не е така. Тоа е само добро вклопена мисла во трагичната приказна. Во животот научив дека кога сакаш, тогаш и грешиш и дека најголемите грешки ги правиме со луѓето што ги сакаме. Е, потоа, мора да се извиниме“, вели Мекгроу.

Фото: Ли Морган

Scroll to Top