Американскиот рапер DMX во тешка состојба: по предозирање со дрога преживеал срцев удар

Славиот рапер Ди-Ем-Екс (DMX), е хоспитализиран и се наоѓа во тешка состојба во болницата во Њујорк, откако доживеал срцев удар.

Хип-хоп sвездата и актер во филмот „Ромео мора да умре“, доживеа срцев удар поради предозирање и е пренесен на одделот за интензивна нега во болницата Вајт Плејнс, пренесува порталот ТМЗ, но неговиот адвокат Мареј Ричмен не можеше да ги потврди написите дека инфарктот е последица на тоа.

Педесетгодишниот Dark Man X, чие вистинско име е Ерл Симонс, често јавно зборуваше за своите проблеми со дроги и неколку пати одеше на рехабилитација. Тој важи за икона на хип хопот и има соработувано со Џеј-Зи, Џа Рул и Ел-Ел Кул Џеј.

„Тој беше приклучен на апарати за дишење. Сега дише самостојно, но има многу малку мозочни активности“, изјави Ричмен.

Ди-Ем-Екс има објавено осум албуми и трипати беше номиниран за Греми. Пет негови албуми беа на првото место на американската топ листа. Во 1998 година почна и актерска кариера и сними повеќе од 20 филмови.

Неговиот последен настап беше во јули 2020 година на интернет-емисијата „Verzuz“ каде рапуваше заедно со Снуп Дог, кој беше следен од повеќе од половина милион луѓе.

Scroll to Top