Анџелина Џоли и Бред Пит постигнаа договор околу развод по осум години, изјави нејзиниот адвокат за медиумите, пренесува Би-Би-Си.
„Пред повеќе од осум години Анџелина поднесе барање за развод од г-дин Пит. Таа и децата го напуштија заедничкиот имот и оттогаш се посвети на барање мир и закрепнување за нејзиното семејство. Ова беше долг процес кој започна пред осум години. Анџелина е исцрпена, но чувствува олеснување што овој дел е сега зад неа“, рече адвокатот Џејмс Сајмон.
Џоли и Пит беа еден од најпознатите парови во Холивуд во текот на нивните 12 години заедно. Заедно имаа шест деца.
На 20 септември 2016 година, адвокатот на Анџелина објави дека актерката ден претходно поднела барање за развод, а како причина ги наведе „непремостливите разлики“. Со тоа заврши нивниот двегодишен брак, на кој му претходеше десетгодишна врска. Парот тогаш изјави дека приоритет им е благосостојбата на нивните деца: Медокс, Пакс, Захара, Шајло, Вивиен и Нокс. Меѓутоа, кога беше откриено дека Анџелина бара единствено старателство над децата, почнаа да кружат различни шпекулации за вистинските причини за нивниот развод.
Набргу по објавата се дозна дека социјалната служба покренала истрага поради наводите дека Бред под дејство на алкохол физички го нападнал најстариот син Медокс. Двојката се согласи на привремени мерки кои го ограничуваа контактот на Бред со децата на надгледувани посети, со услов тој да присуствува на психолошко советување и да се подложи на редовно тестирање за дрога.
Социјалните служби на крајот заклучија дека Пит не го злоставувал Медокс. Тогаш актерот побарал во јавноста да не бидат достапни судските документи од бракоразводната постапка, но тоа барање било одбиено.