Автобиографската книга на Бритни Спирс, „Жената во мене“ ќе биде објавена на 24 октомври, а на насловната е познатата црно-бела топлес фотографија на Спирс направена во 2001 година.
Издавачката куќа „Галери бокс“, дел од Сајмон и Шустер, успеа да обезбеди, во наводно жестока конкуренција, потенцијален мегахит кој го добил насловот од текстот на песната на Бритни I’m Not a Girl, Not Yet a Woman.
„Нејзиното убедливо сведочење пред судот го потресе светот, ги промени законите и ја покажа нејзината инспиративна сила и храброст. Не се сомневам дека слично влијание ќе имаат и нејзините мемоари. Тоа ќе биде издавачки настан на годината. Не можевме да бидеме повеќе горди што и помогнавме конечно да ја сподели својата приказна“, изјавила потпретседателката на „Галери бокс“, Џенифер Бергстром за магазинот „Пипл“.
Во ноември 2021 година, поп пејачката се бореше за прекин на старателството и стави крај на 13-годишната фаза од нејзиниот живот во која секој сегмент, од финансии до облека, беше контролиран од нејзиниот татко Џејми Спирс.
Во најавата на издавачот за мемоарите се вели дека книгата фрла светлина врз трајната моќ на музиката и љубовта и важноста на жената да ја раскажува сопствената приказна по нејзини услови.
„Жената во мене“ е храбра и зачудувачки потресна приказна за слободата, славата, мајчинството, опстанокот, вербата и надежта – се вели во соопштението за медиумите.
Веста дека пејачката подготвува книга се појави во февруари минатата година, кога „Пејџ сикс“ ексклузивно откри дека Бритни потпишала договор за мемоари со Сајмон и Шустер, наводно, заработувајќи дури 15 милиони долари од авторски права. Еден инсајдер тогаш рече дека тоа е вториот најголем договор за издавање на познати личности, зад Мишел и Барак Обама.
Сигурно дека има и такви кои се плашат од оваа книга, а за конечно да го стави сето она што го доживеала на хартија, Бритни ја поттикнале и членовите на нејзиното семејство, пред се нејзината помлада сестра Џејми Лин Спирс. Таа во јануари минатата година објави книга со наслов „Нешта што требаше да ги кажам“ и предизвика големо внимание. Бритни жестоко реагираше, тврдејќи дека книгата на Џејми Лин е полна со лаги.
Во пишувањето на книгата, на Бритни и помогна писателот и новинар Сем Лански. „Њујорк пост“ цитираше друг добронамерен инсајдер кој вели дека книгата ќе биде „инстант бестселер“.
-Ова е инспиративно четиво, не само затоа што ја покажува силата на духот на Бритни, туку затоа што нејзината приказна е раскажана со стил, духовита, интелигентна, искрена и без трошка самосожалување.
Кога само што почна да се зборува за книгата напишана од Бритни Спирс, американските медиуми рекоа дека еден од главните мотиви за нејзиното пишување е тоа што сака да напише мемоари за повторно да биде сопственик на нејзината животна приказна и по речиси 14 години молк, за да и се врати гласот кој никогаш не требаше да и биде одземен.