Бегството од Косово и албанските корени на девојката од Лондон: која е Дуа Липа?

Откако британската пејачка со албанско потекло, Дуа Липа, налути многумина со објавата во која наведува дека Косово не е Србија, а потоа отиде чекор подалеку и објави фотографија од карта на голема Албанија, предизвика реакции во јавноста. Таа сега вели дека била погрешно сфатена и дека не сакала да шири омраза.

Која е Дуа Липа?

Дуа Липа е родена во 1995 година во Лондон, а не во Косово, како дете на албански родители од Србија, кои ја напуштија Приштина во 90-тите.

Во  интервју за британскиот „Гардијан“, Дуа откри повеќе детали за своето семејство и раскажала зошто нејзините родители заминале во Англија. Заканата за војна на Косово ги принуди родителите на Дуа да бараат среќа во Лондон во 1992 година.

Мајкаѝ Анеса е Босанка по мајка, а таткото на Дуа Липа е син на историчарот Сеит Липа, директор на Институтот за историја на Косово. Патем, пејачката својот талент за музика го наследила од татка си, кој бил член на рок-групата „Ода“ во Косово.

По пристигнувањето во Лондон, таткото на Дуа сакал да стане стоматолог, а мајка ѝ адвокатка, но кога стигнале, тие првин работеле како келнери во разни кафулиња и барови. Сакајќи да обезбедат посветла иднина за Дуа, за брат ѝ и за сестра ѝ, татко им навечер присуствувал на курсеви, а мајка им се преквалификувала за работни места во туризмот и за патувања.

„Додека одев на училиште, тие исто така повторно одеа на училиште“, рече Липа, чиј татко дипломирал кога таа наполнила 11 години. Тогаш на таткото му била понудена работа во Приштина, па семејството се вратило во Косово.

„Иако го зборував јазикот, не знаев да читам или пишувам албански“, рече таа. Животот во Косово, вели Липа, ѝ помогнал да разбере дека не е само девојката од Лондон, како што секогаш мислела, туку и ги запознала своите албански корени.

На 14 години го посетувала драмското училиште „Силвија“ во Лондон, а истовремено објавувала демо-снимки на YouTube и SoundCloud. На „Брит наградите“ во 2018 година, од пет номинации, Дуа Липа освои две награди и испрати две силни пораки со два настапа на сцената. Во првиот говор таа се сети на пејачката што ја инспирира, а забележа дека меѓу номинираните нема толку многу жени, па изрази желба да види повеќе од нив во иднина, кои ќе бидат наградени. Во второто појавување на сцената Дуа потсети дека вреди да се следат соништата.

„Татко ми секогаш вели дека е неопходно да се работи напорно, да се работи навистина напорно и да се има малку среќа. Така што верувам во тоа, но верувам и во цврсти гени“, рече таа.

Патем, Дуа покрај своите изјави, музички талент и статус, привлекува внимание и со љубовниот живот. Таа во моментот е во врска со братот на моделите Џиџи и Бела Хадид, Анвар Хадид.

 

Дуа неодамна го поддржа Берни Сандерс во трката за претседател на САД годинава за што исто така се зборуваше наголемо.

Scroll to Top