Канадскиот музичар Брајан Адамс, кој долги години се занимава и со фотографија, е избран да го слика новиот календар на „Пирели“.
„Горд сум што можам да објавам дека ќе бидам фотографот на календарот на ‘Пирели‘ за 2022 година“, изјави Адамс. Тој не ја откри темата на новиот календар, но кажа дека ќе биде возбудлив проект.
Популарниот календар почна да се прави во 1960-тите години од страна на италијанската компанија за автомобилски гуми. Секоја година каледарот го прави друг фотограф.
Адамс работи како професионален фотограф повеќе од десет години и негови дела се појавија и во модни списанија „Вог“ и „Харпер‘с базар“. Освен славни личности, тој фотографираше и ветерани на војната во Авганистан и бездомници во Велика Британија.